Шпанскиот првак Барселона направи уште еден кикс во домашното првенство откако денеска ремизира (2-2) на гостувањето кај претпоследниот тим на табелата во Ла Лига, Гранада.

Најдобрата одбрана во Европа од минатата сезона повторно изгледаше како нем посматрач и среќа е што дополнително не се тресеше мрежата на Тер Штеген. Првиот гол падна по само 16 секунди игра откако една грешка на средината на теренот, ја казни Брајан Сарагоса. Истиот играч зголеми на 2-0 во 29. минута, а овојпат си поигра како со мало дете со Жил Кунде.

 

Французинот се повреди неколку минути подоцна, но остана во игра до финишот на полувремето кога на негово место влезе Араухо. Тој е петти фудбалер на Барселона кој се наоѓа на листата на повредени играчи, по Педри, Де Јонг, Рафиња и Левандовски.

Ламин Јамал со својот прв гол во кариерата намали на 1-2 во судиското продолжение, а резервистот Сержи Роберто спаси бод за Барса на пет минути пред крајот на основните 90. Во судиското продолжение гол постигна и Жоао Феликс, но тој беше поништен поради офсајд во кој се најде друг фудбалер на Барселона. Како последица на ова реми, Барселона оди на двонеделна пауза со три бода негатива во однос на Реал Мадрид иако пред три кола се наоѓаше во водство.