Македонија на денешен ден во 2002 година одигра херојски натпревар во Саутемптон и против големиот фаворит Англија освои бод (2-2). Натпреварот го одбележа ефектниот гол на Артим Шаќири, кој и денес важи за најдобриот во репрезентативниот дрес.
Некогашниот репрезентативец на Македонија шутираше ефектно, директно од корнер, за водство на Македонија. Преполниот „Сент Мери“ стадион беше во молк, а Шаќири доби аплаузи за ремек-делото со кое го испрати легедарниот Дејвид Симан во репрезентативна пензија.
„Одлуката да му шутирам директно во голот на Симан е донесена во неколку секунди. Мислам дека никој не рекол јас утре на противничкиот голман планирам да му шутирам од корнер. Тоа ми беше трет гол од корнер. Првиот гол го постигнав со Караорман во Делчево, вториот со Вардар против Скопје на Градски и ова беше третиот гол кој остави белег засекогаш“, изјави Шаќири во едно од своите интервјуа.
Дејвид Симан остана на 75 настапи во дресот на „Гордиот Албион“ поради нашиот репрезентативец. Ремито против Англија и денес се смета за еден од најдобрите резултати што го постигнала нашата репрезентација.