Македонија го направи првиот чекор од зацртаната цел да се освојат шест бода во овие последни два квалификациски мечеви, а без оглед на десеткуваниот тим без Аријан Адеми, Бобан Николов, Адис Јаховиќ, Ердал Ракип (сите повредени) и Стефан Ристовски (суспендиран), македонските фудбалери ѝ одржаа лекција на Ерменија, а победата ја обезбедија уште во првиот дел од мечот со два гола преку Александар Трајковски и Енис Барди, а потоа во вториот само ја заверија убедливата победа со два гола од пенал Барди за негов хет-трик и уште еден гол на на Милан Ристовски.
Потегот со Стефан Ашковски како десен бек, иако е левак на селекторот Милевски се покажа како полн погодок, зашто пробивниот фудбалер од романски Сепси, имаше свое мини-шоу и ги изврте Ерменците во 22-та минута за да му асистира на Трајковски за водство, за да се трасира патот кон победата, а потоа Барди со снајперски прецизен удар во 38-та минута на капитенското деби на фудбалерот за врска ја дуплираше предноста.
Ерменија вечерва не можеше против максимално мотивираната Македонија, па скоро да не се закани во вториот дел, откако во првиот имаше две опасни шанси преку Бриаско и Барсегјан, па во вториот дел Барди си изнуди пенал и рутински го реализира во 66-та, а потоа и Милан Ристовски погоди на 11 минути пред крајот даде и четврти гол, а Барди со вториот пенал во 90-та минута стави печат на една од најголемите наши победи во историјата против посериозни селекции, а големата победа има уште поголема вредност зашто кошмарно ни беше секое гостување под Арарат во изминатава деценија.
Сега Македонија ќе го чека исходот од мечот Романија – Исланд, на кој ни треба најмалку реми или пораз на Романија, за да се доведеме во шанса сами да решаваме во недела на Националната Арена „Тодор Проески“ и со триумф да го завериме тоа второ место во групата кое води во најнеобичниот плејоф во едни квалификации за Светско првенство.
Со оваа четврта победа Македонија дојде до четврта победа во овие квалификации и има 15 бода.