Македонската фудбалска репрезентација со гостинската победа од 0:5 над Ерменија се искачи на посакуваното второ место кое води во дополнителни квалификации за пласман на Светското првенство во Катар и сите погледи беа вперени во мечот Романија – Исланд.
Нас ни одговараше било каков резултат освен победа на Романците. И токму тоа се случи.
“Рибарите” одиграа машки и оддолеаја на нападите на домаќините за конечен резултат 0:0 доволно за Македонија да се задржи на второто место на табелата се до последното, десетто коло во кое ќе играме токму против Исланд.
Овој натпревар е закажан во недела на Арената Тодор Проевски во Скопје во 18:00.