Фудбалската репрезентација на Македонија ги загуби своите шанси за пласман на ЕП, а на последниот дуел против Англија ќе се обиде да стигне до позитивен резултат.
Македонија доживеа дебакл во Англија на „Олд Трафод“, а голманот Столе Димитриевски смета дека резултатот (0-7) не бил реален.
„Натпреварот во Англија беше многу тежок за нас, резултатот во однос на нашите квалитети не е реален, тоа може да му се случи на секого. Сега имаме нов натпревар и шанса да докажеме дека таа слика за нас е погрешна, Се надеваме дека утре ќе се прикажаме во многу подобро издание“, кажа Димитриевски.
Македонскиот чувар на мрежата зборуваше и за натпреварот против Реал Мадрид во Ла Лига.
„Се чувствувам многу добро, во добра форма сум, против Реал Мадрид одиграв одличен натпревар, но сега сум во репрезентацијата и настапите за клубот се зад мене. Сега верувам дека со помош на фудбалерите можеме да останеме со ‘чиста мрежа’ и против репрезентацијата на Англија што би бил голем резултат за нас . Очекувам да дадеме се од себе и да одиграме на високо ниво. Очекуваме одличен спектакл, ќе го дадеме максимумот, иако пред три дена одигравме еден тежок натпревар. Но, денешниот фудбал е таков и тоа не е изговор мораме секогаш да бидеме на највисоко ниво“, вели нашиот голман.
Димитриевски призна и дека лошо се чувствува поради големиот број примени голови на репрезентацијата без разлика на неговата одлична форма во Рајо Валјекано.
„Лошо се чувствувам да бидам искрен, но ние сме репрезентација која има нови играчи во сите линии. Потребно ни е време да се запознаеме, да собереме поголемо искуство на репрезентативно ниво. Мораме да работиме многу подобро, цел тим не само јас или одбраната. Во нападот имаме одлични играчи, додека во одбраната мораме да бидеме повеќе фокусирани и примаме многу голови за кои сме виновни ние самите играчи. Се надевам тој процес ќе помине и потоа да се покажеме во вистинско светло во Лигата на Нации“, кажа чуварот на мрежата на Македонија.