Милан има два бода, иако на првите два натпревари не постигна гол, а во Париз ќе се надева на изненадување.
„Мислам дека до последното коло нема да знаеме кој од нашата група ќе игра во осминафинале. Мораме да се фокусираме на следниот меч. Секој натпревар е важен“, кажа тренерот на парижаните, Луис Енрике.
„Светците“ победија на три од последните четири натпревари, додека Милан минатиот викенд загуби од Јувентус во дербито во Серија А.
„Милан е голем тим. Екипа која има успеси и падови, но мислам дека во моментов им оди добро. Навикнаа да играат во 4-3-3 систем, добро се бранат и одлични се на секој дел од теренот“, вели Енрике.
Барселона денеска од 18.45 часот ќе се пресмета со украински Шахтјор како „загревање“ за „Ел Класико“, а тренерот Чави Ернандез кажа дека се фокусирани на натпреварот, но нема да биде лесно на теренот.
Каталонскиот гигант ќе биде без Гави, но во екипата ќе биде Педри, додека во центар на внимание е уште еден млад играч Марк Гују.
„Ла Масија секогаш била еден од најдобрите делови на Барселона. Чест е да се има таков систем, кој функционира добро. Многу генерации фудбалери беа создадени тука и тоа е наша предност“, кажа Чави.
Српскиот шампион Црвена Звезда гостува во Германија кај Лајпциг во групата Г. Домаќините се фаворити и имаат два бода повеќе од ривалот и со победа би направиле чекор напред кон осминафиналето.
„Го гледавме и го анализиравме противникот. Има одредени предности, но и недостатоци. Ќе ни биде потребно многу трпение и вистински одлуки на теренот“, кажа тренерот на Лајпциг, Марко Розе.
Стратегот на гигантот од Белград, Барак Бахар вели дека неговиот тим нема да се предаде и оди на победа во Германија.
„Ц. Звезда играше добро и во претходните две средби, но прими лесни голови. Сакам да ја задржиме концентрацијата и да се обидеме да ја наметнеме нашата игра. Одиме на триумф на секој натпревар“, вели Бахар.