Денеска се игра „Ел Класико“ во Шпанија. Пресметките меѓу Барселона и Реал Мадрид секогаш ја делат планетата на два дела, тие што имаат симпатии кон Каталонците и оние на кои подраги им се „кралевите“. Најновиот судир е на „Монжуик“, со почеток во 16.15 часот.
Двата тима влегуваат во пресметката од речиси идентични позиции на табелата. Реал е второпласиран на табелата со 25 бода, три помалку од лидерот Џирона, која во финишот ја победи Селта, додека шампионот Барселона е трет, со еден бод заостанување зад „кралевите“.
Барса и Реал победија и во натпреварите од Лигата на шампионите со резултат 2-1. Барса на домашен терен го победи украинскиот Шахтјор Доњецк, додека Реал славеше над Брага во Португалија.
Реал последен пат загуби пред повеќе од еден месец, на гостувањето кај градскиот ривал Атлетико со 1-3, додека Каталонците сѐ уште се непоразени оваа сезона во сите натпреварувања, иако ремизираа двапати во лигата.
И Барса и Реал имаат свои адути за дербито, со одлични опции во нападот. Чави Хернандез ги има Феран Торес, Жоао Феликс како и младите таленти Ламин Јамал и Марк Гују, додека освен Винисиус Жуниор, кој претходно отсуствуваше поради повреда, веројатно најдобар играч во белиот дрес досега е новото засилување Џуд Белингем.
И двајцата тренери имаат кадровски проблеми пред судирот. Добрата вест за Чави Хернандез во петокот беше поврзана со тоа што Роберт Левандовски, Педри, Френки де Јонг и Жил Кунде се вратија на тренинзите со Каталонците. Според медиумите во Шпанија, првите тројца имаат шанса да учествуваат во дербито, но тешко дека ќе бидат стартери. Серхи Роберто сигурно ќе го пропушти натпреварот.
Карло Анчелоти од своја страна ќе мора да се снајде без долго повредениот голман Тибо Куртоа, како и Едер Милитао, Дани Себалјос и Арда Ѓулер, додека Хоселу е неизвесен до самиот почеток.
Вкупно, двата тима се соочиле 285 пати, при што Барселона има мала предност во меѓусебните дуели – 118 наспроти 105 победи на Реал, со 62 нерешени.
Првиот натпревар меѓу двата гиганти во Шпанија датира од сезоната 1901/02. Двете екипи се сретнаа вкупно петпати минатата сезона – двапати во Ла Лига, двапати во Копа дел Реј и еднаш во Суперкупот, при што Каталонците победија на три од петте натпревари.