Францускиот гигант Пари Сен Жермен ја забележа третата победа по ред и петти натпревар без пораз во Лига 1. Денешните три бода ги освои на гости кај Брест, со голот на Килијан Мбапе во 89. минута за победа од 3-2.
ПСЖ поведе со 2-0, прво со голот на Зер-Емери во 16. минута, а потоа и со првиот на Мбапе, во 28. На неколку минути до знакот за пауза, Брест намали преку Стив Муние, со глава.
Домаќинот засили во второто полувреме, а по неполни 10 минути, Жереми Ле Дуарон изедначи на 2-2. Брест не покажуваше респект кон фаворитот и играше офанзивно, поради што Џиџо Донарума се истакна како херој во 70. минута, кога одбрани еден зицер.
Решавачките минути сепак, беа резервирани за самиот финиш. ПСЖ доби пенал, Мбапе шутираше но домашниот голман Марко Бизо го одбрани неговиот удар. Сепак, топката се одби повторно кај напаѓачот на ПСЖ, кој со својот десетти гол во Лига 1 оваа сезона ја донесе победата за ПСЖ.