Некогашниот гигант и најтрофејниот холандски клуб Ајакс се најде на последното место на табелата во Ередивисие откако денес загуби со 2-5 во дербито со ПСВ Ајндховен.

Четирикратниот европски првак водеше по првото полувреме со 2-1, но во вториот дел ПСВ постигна четири гола и го забетонира својот голем ривал на дното. Херој на натпреварот беше Ирвинг Лозано кој постигна хет-трик.

 

Ајакс има само осум одиграни натпревари досега, два помалку од Утрехт кој е пред него на табелата, но исто така е факт дека тимот од Амстердам има серија од пет порази и во досегашните осум натпревари освои само пет бода. Минатата недела загуби токму од Утрехт со 3-4, а со 21 примен гол, ја има втората најлоша одбрана во лигата, зад Хераклес. Во последните пет кола играше со првопласираните четири екипи на табелата (Твенте, Феенорд, АЗ Алкмар и ПСВ) и од нив прими вкупно 14 гола. Ова е првпат во историјата, Ајакс да претрпи пет порази во низа во холандското првенство.