Се игра четвртото коло од групната фаза во Лигата на шампионите со што полека почнува разврската во елитното фудбалско натпреварување.
На програмата се неколку интересни натпревари кои директно одлучуваат за пласман во нокаут фазата. Дербито е во Милано каде „росонерите“ го пречекуваат ПСЖ во исклучително деликатна позиција.
Седумкратниот европски првак е без постигнат гол во досегашните три кола и со само два бода се наоѓа на последното место во групата. Тимот на Пиоли не победил на последните четири меча (три порази) во сите натпреварувања, а во таква ситуација, неопходен му е триумф вечерва за да се надева на место во осминафиналето. ПСЖ нема такви проблеми, полека ја крева својата форма и оствари победи на последните пет меча во сите натпреварувања како резултат на што се наоѓа на првото место во групата со шест бода и на втората позиција во домашното првенство, веднаш зад лидерот Ница.
Слична е ситуацијата и со Црвена Звезда со таа разлика што српскиот првак е со минимални шанси да се пласира во осминафиналето од Лигата на шампионите, но го брка третото место во групата кое води во Лигата Европа. Со оглед на тоа што во последните два меча гостува на Јанг Бојс и го пречекува Манчестер Сити, денешниот меч со Лајпциг на Маракана е најважниот во борбата за остварување на целта. Атмосферата во тимот е многу лоша по последните резултати, пред се ремито со ТСЦ на домашен терен минатата недела, но Звезда мора да најде сила и мотив да дојде до добар резултат вечерва.
Можно е вечерва да бидат познати првите две екипи со обезбеден пласман во осминафиналето. Евентуални победи на Манчестер Сити и Барселона против Јанг Бојс, односно Шахтер, ги носи овие две екипи во нокаут фазата на две кола пред крајот на групниот сегмент. За Барса тоа би бил голем успех откако претходните две сезони го завршуваше својот настап во групите и потоа играше во Лигата Европа.