Фудбалската репрезентација на Македонија утре (18 часот) го игра решавачкиот меч за пласман во баражот за Светското првенство во Катар, а на дуелот против Исланд ќе ја бодрат 17.000 гледачи. Половина од капацитетот на арената „Тодор Проески“ е распродаден. Доколку немаше забрана поради ковид-протоколите, сигурно дека ќе беше распродаден и комплетниот капацитет од 34.000 седишта, но овојпат ќе мораме да се задоволиме и со 50% исполнетост на трибините.
На Македонија и се отвори голема шанса да обезбеди пласман во мундијалскиот бараж. Пред избраниците на Благоја Милевски стои Исланд, кој во Рејкјавик се извлече со реми (2-2) иако нашиот национален тим имаше одлична игра и предност од два гола до дваесетина минути пред крајот од средбата.