Фудбалерите на Јувентус им се вратија на победите во Серија А,  „старата дама“ на гостински терен во луда завршница го совлада тимот на Монца (1-2) и пак го презеде врвот на табелата од „нероаѕурите“. Но, Интер има еден натпревар помалку, в недела против шампионот Наполи.

 

Јувентус оваа сезона остана без настапи на меѓународна сцена, па сите сили се насочени кон домашното првенство. Избраниците на Алегри играат како во шампионските денови, но до посакуваната победа стигнаа потешко од очекуваното и во судиското надополнување.

Резултатот го отвори францускиот играч за врска Адриен Рабио, кој погоди во 12. минута. Но, една минута претходно Душан Влаховиќ одново им отвори можност на критичарите да го „плукаат“, бидејќи прво не реализира пенал, а потоа, на одбиената топка не погоди од чиста позиција.

 

Јувентус минималната предност ја чуваше цели 80. минута, поточно до втората минута од судиското надополнување, кога Карбони израмни на 1-1, за огромна радост на трибините. Но, таа траеше само три минути, затоа што по одлична акција на Рабио и Гати, Италијанецот со голема доза на среќа ја погоди целта и донесе важна победа за својата екипа (1-2).

Монца, пак, го впиша четвртиот пораз и падна на десеттата позиција.Јувентус со оваа победа барем привремено се искачи на првото место во италијанската елита со 33 бодови, еден повеќе од Интер, кој има и натпревар помалку, задутрешниот на гости кај шампионот Наполи.