Српската кошаркарска звезда Никола Јокиќ имаше уште една магична вечер во НБА во која го оствари осмиот трипл-дабл сезонава, но не беше доволно неговиот Денвер нагетс да дојде до триумф во пресметката со Сакраменто кинс (117-123).

Српскиот репрезентативец дојде до осмиот трипл-дабл сезона со учинок од 36 поени, 13 скока и 14 асистенции, а истовремено одново влезе во историјата со нешто што никој не го направил последните 40 години.

 

Тој на два меча по ред дојде до двоцифрен учинок во три статистички категории и тоа со најмалку 30 постигнати поени, а при тоа да нема ниту една загубена топка, што одамна не се памети во најсилната лига на светот.

Јанис Адетокумбо и Демиан Лилард излегоа како подобри од ударниот двоец на Атланта хокс, Јанг и Мареј, што беше доволно за триумф на Милвоки бакс (132-121). Кошаркарите на „елените“ заедно постигнаа 57 поени, додека двајцата „јастреби“ дадоа пет поени повеќе, но пресуди поголемиот број на расположени играчи на Милвоки, каде уште петмина постигнаа двоцифрен број на поени.

 

Со враќањето на Девин Букер на терените, се вратија и победите за Феникс санс, кој беше подобар во пресметката со Мемфис гризлис (116-109). Повратникот беше најзаслужен за тоа со 34 поени и 10 скока. Кошаркарите на ЛА Лејкерс продолжуваат со променливите партии, па по поразот во претходната пресметка синоќа го совладаа Хјустон рокетс (107-97) за што најзаслужен беше Ентони Дејвис со 27 поени и 14 скока.

РЕЗУЛТАТИ: Бруклин – Орландо 129-101, Детроит – Кливленд 101-110, Чикаго – Њу Орлеанс 124-118, Мајами – Индијана 129-144, Милвоки – Атланта 132-121, Далас – Оклахома сити 120-126, Феникс – Мемфис 116-109, Јута – Портланд 118-113, Сакраменто – Денвер 123-117, ЛА Лејкерс – Хјустон 107-97.