Уругваецот Луис Суарез синоќа се прости од навивачите на Гремио на величествен начин, на последниот натпревар на домашен терен оваа сезона.
https://twitter.com/i/status/1731651030868177389
Клубот од бразилскиот Порто Алегре играше со Васко де Гама и победи со 1-0, а уругвајскиот репрезентативец го постигна победничкиот гол. По завршувањето на натпреварот, Суарез беше испратен од домашните фанови на величествен начин, долго време од трибините се скандираше неговото презиме, а Гремио му подготви и специјално видео кои можеа да го погледнат сите на стадионот.
https://twitter.com/i/status/1731497701324296404
„Испиша прекрасно поглавје од нашата историја. Каде и да си, ќе останеш бесмртен за нас“, објави Гремио.
https://twitter.com/i/status/1731466717803532517
Луис Суарез успеа да ги освои срцата на навивачите за неполна година бидејќи договор со Гремио потпиша на 31 декември 2022, а дебитираше на 4 јануари. Со оглед на повредите, малкумина веруваа дека ќе успее да се снајде во бразилското првенство, но Ел Пистолеро покажа зошто е еден од најдобрите голгетери на сите времиња. На 53 настапи за Гремио, постигна 27 гола, а во националното првенство на Бразил, на коло пред крајот, се наоѓа на четвртото место на листата на стрелци со 15 гола, плус 11 асистенции. Последниот натпревар ќе го одигра в среда навечер, на гости кај Флуминенсе, а од новата година ќе биде член на Интер Мајами каде ќе игра заедно со Меси, Бускетс и Алба, неговите големи пријатели и соиграчи од Барселона.