Германскиот шампион Баерн Минхен доживеа невиден дебакл на гости кај Анјтрахт Франкфурт во 14. коло од Бундеслигата, беше декласиран со убедливи и огромни 5-1.

Првиот пораз сезонава за Баварците и тоа катастрофален, одекна силно низ фудбалска Европа. Домаќинот Ајнтрахт ги надигра во секој сегмент од играта и не им дозволи ниту тронка надеж за резултатско враќање во натпреварот. Ајнтрахт имаше водство со 3-0 по само 36 минути игра и приреди вистински шок за гостинските фанови, а Баерн до паузата успеа да намали на 3-1 преку Џошуа Кимих. Марумуш, Ебимбе и Ларсон беа стрелци за домаќините во првиот дел.

https://twitter.com/i/status/1733504042284794236

Вторите 45 минути требаше да донесат поголема иницијатива на гостите, но фаворитот прими уште два гола и на крајот доживеа комплетно фијаско во Франкфурт. Ебимбе со уште еден гол и Кнауф во 60. минута ставија точка на големата победа од 5-1. Ајнтрахт со овој триумф се проби на седмата позиција во Бундеслигата.

За тимот на Томас Тухел ова беше прв пораз во сезоната и Баварците остануваат второпласирани, правејќи чекор наназад кон лидерот Баер Леверкузен. Гигантот од Минхен сега има три бода помалку од „фармацевтите“ на Чаби Алонсо.

На останатите натпревари, Унион Берлин конечно ги израдува своите навивачи и славеше со сигурни 3-1 над Борусија МенхенгладбахВердер Бремен  триумфираше над Аугзбург со 2-0, Хајденхајм и Дармштадт одиграа ефикасен дуел со конечни 3-2, додека Фрајбург извојува минимален триумф со 0-1 на гостувањето кај Волфсбург.