Абердин со 2:0 го совлада Ајнтрахт Франкфурт во шестото коло од групната фаза во Лигата на Конференции, но го заврши и настапот во Европа.
Шкотскиот тим кој играше без својот најдобар напаѓач, македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, настапите ги заврши на третото место во групата Г со шест бода, а првите две позиции им припаднаа на ПАОК и Ајнтрахт.
Головите за Абердин ги постигнаа Дјук во 41-та и Соклер во 74-та минута.
ПАОК пред своите гледачи со 4:2 го победи ХЈК Хелсинки и го освои првото место во групата со 16 бода.
Најинтересно беше во групата Х каде лидерот по пет кола, Нордсјиланд на крајот заврши како трет. Данскиот тим загуби во Разград од Лудогорец и остана на 10 бода, додека бугарскиот шампион дојде до 12 бода, исто колку што освои и лидерот на табелата Фенербахче откако пред своите гледачи со 4:0 славеше над Спартак Трнава.
Изненадување приреди Зрињски кој одигра 1:1 против Астон вила.