Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз е добитник на наградата „Штефан Едберг“, која Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП) традиционално ја доделува за ферплеј, професионализам и интегритет на тениските терени и надвор од нив.
Победникот се избира со гласови од сите тенисери кои настапуваат на турнирите во организација на АТП, а Алкараз стана четвртиот Шпанец кој го добил ова признание, по Хозе Игуерас, Алекс Кореча и Рафаел Надал.
„Многу сум горд што ја добивам оваа награда за фер-плеј, особено поради фактот дека изборот го вршат моите колеги тенисери. Тоа многу ми значи и од се срце ви благодарам“, изјави Алкараз.
Ова, можеби, е и единственото признание кое Новак Ѓоковиќ никогаш во кариерата го нема добиено, а годинава тој воопшто и не беше номиниран, со оглед што во конкуренција покрај Алкараз се најдоа уште Димитров, Синер и Хуркач. Наградата „Штефан Едберг“ се доделува од 1997 година, а апсолутен рекордер е Роџер Федерер, кој ја освојуваше 13 пати, пред Надал со пет. Лани ова признание заврши во рацете на Каспер Руд од Норвешка.