Европскиот првак Манчестер Сити ја оправда фаворитската улога и со победа над јапонскиот Урава Ред Дајмондс (3-0) се пласира во големото финале на Светското клупско првенство (СКП) кое се одржува во Саудиска Арабија.
Иако беше без неколку првотимци, меѓу нив вклучувајќи го и Ерлинг Халанд, премиерлигашот без потешкотии го совлада противникот, против кого доминираше од почетокот па се до крајот. Разликата меѓу двата тима беше огромна, а 45 минути му беа доволни на Сити да го завери триумфот.
По големата иницијатива и многу шанси пред голот на јапонскиот тим кој е азиски првак, пред крајот на полувремето несреќен автогол си постигна Хојбратен. Потоа беше полесно за Сити, затоа што го проби „бункерот“ на противникот. На стартот на вториот дел Ковачиќ даде деби-гол за „граѓаните“, а точка на победата стави Бернардо Силва во 59. минута.
Манчестер Сити во големото финале на Светското Клупско Првенство ќе игра со јужноамериканскиот првак Флуминенсе кој беше подобар од Ал-Ахли од Египет (2-0).