Белингем ги стигна Мбапе и Халанд, двата највредни фудбалери на денешницата. Медиумот специјализиран за проценка на вредноста на фудбалерите и голема база на податоци за фудбалот „Трансфермаркт“, објави нова листа на најскапите фудбалери на денешницата. Играч со најголема вредност стана новиот ас на Реал Мадрид, Англичанецот Џуд Белингем (20), чија вредност се зголеми од 150 на 180 милиони евра.

Така Белингем се израмни со Килијан Мбапе од ПСЖ и Ерлинг Халанд  од Манчестер Сити, па сега го формираат триото највредни фудбалери на „Трансфермаркт“. По нив следуваат Винициус од Реал со вредност од 150 милиони евра и Букајо Сака од Арсенал со 120 милиони евра.

 

Белингем летово пристигна во Реал од Борусија Дортмунд за трансфер кој со бонуси ќе вреди повеќе од сто милиони евра. Англичанецот веднаш стана водечка алка во тимот на тренерот Карло Анчелоти. На 21 настап постигна дури 17 гола и оствари уште пет асистенции. Неговиот договор со Реал е со важност до 2029 година.

Напаѓачот на Манчестер Сити кој беше втор во гласањето за „Златната топка“ во 2023 година, веднаш зад Лионел Меси, оваа сезона постигна 19 гола и имаше пет асистенции во 22 настапи. Тој беше неверојатен и минатата сезона, неговата прва сезона во клубот од Манчестер. Постигна 52 гола на 53 натпревари, со девет асистенции. Неговиот договор е со важност до 2027 година.

Килијан Мбапе е најдобриот играч на ПСЖ. Без разлика дали е во шпицот на нападот или на крилните позиции, оваа сезона запиша 21 гол и две асистенции на 22 натпревари. Со оглед на тоа дека неговиот договор истекува на крајот на сезоната, а тој сè уште не потпишал нов, би можел да го смени клубот во летото 2024 година. Најчесто го поврзуваат со Реал Maдрид.