Чудесна кариера има аргентинскиот репрезентативен напаѓач-тој на 23 години ги освои сите најважни трофеи во фудбалот!
Хулиан Алварез голгетерот на Манчестер Сити дефинитивно е една од најголемите фудбалски ѕвезди кои доаѓаат од Аргентина. Младиот напаѓач со својот Манчестер Сити се закити со титулата од Светското клупско првенство со победата против бразилскиот Флуминенсе, со што стана најмладиот играч од својата земја кој успеал до 23-годишна возраст да стигне до сите најважни трофеи во светот на фудбалот.
Од доаѓањето кај „граѓаните“, Алварез постигнуваше голови во сите шест конкуренции, а исто така имаше голем придонес и во финалето од клупскиот Мундијал против Флуминенсе, каде постигна два гола. Досега во кариерата освои шест големи трофеи, на кои би позавиделе и големи светски ѕвезди кои никогаш го немале ова остварување.
Алварез во своите витрини има вкупно осум титули во различни натпреварувања: од Лигата на европски шампиони, англиската Премиер лига, ФА Купот, Лига Купот, Комјунити Шилд, Суперкупот на Европа, титула од Светското клупско првенство, како и најважната од сите – светската шампионска титула од Мундијалот во Катар, каде Аргентина по третпат во историјата се искачи на светскиот фудбалски трон.
Остварувањата на аргентинскиот ас се навистина неверојатни и во последните две години успеа да ги комплетира најважните титули, што е навистина голема реткост во фудбалот. Оваа сезона Алварез настапи на вкупно 22 натпревари за Манчестер Сити и досега постигна осум голови.