Барселона си договори и стопер, но за идната сезона. Со финализирањето на трансферот на Витор Роке, Барса договори уште едно засилување, но не за оваа, туку за идната сезона.
Станува збор за 20-годишниот Чади Ријад кој минатото лето му беше продаден на Бетис, но со опција за откуп на договорот за седум милиони евра. Ријад е производ на фудбалската школа на Барселона, беше и на подготовки со првиот тим, но не доби шанса на официјални натпревари. Со оглед на тоа што се служи со левата нога, тој беше логичен избор на Чави, а со него продолжува подмладувањето на каталонскиот тим.
Мароканскиот фудбалер игра на позицијата стопер и извонредно се покажа во Бетис во првиот дел од сезоната, а тоа било доволно за Чави и директорите на Барса да ја вклучат опцијата за враќање назад. „Спорт“ открива дека Барселона веќе го информирала Бетис дека ќе ја вклучи клаузулата вредна 7 милиони евра, а со која Ријад после само една сезона ќе се врати на „Камп Ноу“.
Инаку, талентираниот стопер пристигна во Барселона од редовите на Мајорка и мина во „Ла Масија“ цели три години, па иако пред неколку месеци се доби впечаток дека ќе мора да бара друг фудбалски пат кој не е поврзан со Барса, добрите претстави во Бетис ги натераа луѓето од клубот да му дадат нова шанса.
Сепак, за да го регистрира Ријад, Барса ќе мора да продаде двајца стопери. Едниот најверојатно ќе биде Ерик Гарсија, а за вториот ќе се бира меѓу Жил Кунде и Андреас Кристенсен. Поголеми се шансите да си замине Данецот кој и сега не е прв избор во одбраната.