Денвер нагетс стигна до уште еден убедлив триумф сезонава во НБА, откако ноќеска на домашен терен го растури Мемфис гризлис (142-105) во натпревар во кој главна ѕвезда повторно беше – Никола Јокиќ.
Српскиот репрезентативец дојде до 11. трипл-дабл ефект во новиот шампионат, дуелот го заврши со 26 поени, 14 скока и 10 асистенции и тоа за „само“ 30 минути поминати на теренот. Тој уште еднаш влезе во историјата на НБА, откако стана прв кошаркар по Вилт Чемберлен со три трипл-дабл учиноци без ниту едно промашување, бидејќи ноќеска ги погоди сите 11 шута од поле, како и трите слободни фрлања. Зад нив двајца е Дрејмонд Грин со две вакви остварувања.
Во отсуство на Ерон Гордон, втор стрелец кај „нагетси“ беше Мареј со 23 поени, а голем дел од одговорноста презеде Вотсон, кој постигна 20. Кај Мемфис повторно го немаше Џа Морант, а без него Гризлис се сосема друга екипа, па најефикасен беше Бејн со 23 поени.
Од останатите средби за одбележување е 28. по ред пораз на Детроит пистонс, кој загуби на гостувањето кај Бостон селтикс (122-128), со што продолжи да го „билда“ црниот рекорд како екипа со најмногу неуспеси во низа.
РЕЗУЛТАТИ: Бостон – Детроит 128-122, Чикаго – Индијана 104-120, Минесота – Далас 118-110, Њу Орлеанс – Јута 112-105, Денвер – Мемфис 142-105, Голден Стејт – Мајами 102-114, Портланд – Сан Антонио 112-118, ЛА Лејкерс – Шарлот 133-112.