Кошаркарите на белградски Партизан одиграа историски натпревар и на магичен начин ја прекина серијата од два пораза во Евролигата.

На домашен терен, „црно-белите“ го совладаа Макаби од Тел Авив со 88-79 иако на стартот од втората четвртина губеа со 24 поени разлика. Израелскиот тим почна фуриозно, по пет минути игра на семафорот стоеше 0-16, во 12. минута ги достигна највисоките 37-13, но Партизан уште еднаш покажа дека не смее да биде отпишан под какви било околности.

До полувреме намали на 36-52, а вторите 20 минути ги доби со 52-27. На средина од третата четвртина веќе беше јасно дека натпреварот за Партизан тукушто почнува, со серија од 15-4 се доближи на само пет поени негатива, Макаби привремено отиде на 60-51, но следуваа девет поени по ред на домашниот тим за прво израмнување на натпреварот.

Резултатот целосно беше свртен во корист на Партизан по уште една серија од 13-4 на стартот од последниот квартал по кој „црно-белите“ отидоа на 80-71 по што Макаби не успеа да ја загрози победата на противникот. Пресвртот од 24 поени негатива е најголем на Партизан во Евролигата.

Пи Џеј Доузер со 23 поени беше најефикасен на натпреварот и најзаслужен затоа што Партизан се одржуваше во игра во првото полувреме во кое постигна 16 од првите 26 поени на својот тим. Нанели додаде 20 поени со 9 скока и 5 асистенции, додека Болдвин беше прв стрелец на Макаби со 19 поени.