Кошаркарите на белградски Партизан остварија нова победа во АБА-лигата. Белграѓани беа подобри од Цибона на гостински терен во Загреб совладувајќи го ривалот со 74-87.
„Црно-белите“ под водство на стратегот Обрадовиќ имаа проблеми во првата четвртина по која имаа пет поени негатива (20-25), меѓутоа потоа работите си дојдоа на своето место за фаворитот. АБА-шампионот одигра две доминатни четвртини и си ја запечати победата.
Во скратениот состав на Партизан, бразилецот Кабокло постигна 18, а Анѓушиќ имаше 17 поени, додека Ледеј, Копривница и Јарамаз уфрлија по десет поени. Кај Цибона, Аранитовиќ постигна 17, пред Радовчиќ со 16 поени.
Партизан во АБА-лигата има 12 победи и четири порази и се наоѓа на втората позиција.