Репрезентацијата на Шпанија е европски првак во ватерполо. „ Црвената фурија“ одигра спектакуларно финале и во последниот период дојде до победа над домаќинот Хрватска (11-10) пред полните трибини во базенот во Загреб.

Хрватските „баракуди“ ги имаа сите адути да дојдат до европскиот трон. Се беше на нивна страна, публиката и домашниот терен, а и резултатот беше 10-8 пред влезот во последниот период во кој Шпанија даде три гола и успеа да слави во финалето.

Посебно убав беше последниот гол на натпреварот кој го даде шпанецот Гранадос. Вистинска убавица од гол, за аналите во ватерполото. Токму Гранадос беше играч на натпреварот затоа што ги даде последните два гола.

 

Очекувано, коментаторите на шпанската телевизија паднаа во невиден транс кога беше постигнат голот. За Шпанците ова беше прва европска титула, по три загубени финалиња.