Извонредните изданија ноќеска на Жоел Ембид и Карл Ентони Таунс придонесоа во втор план да останат уште три големи ѕвезди на НБА лигата кои, исто така, одиграа одлични натпревари.

 

Словенецот Лука Дончиќ постигна 33 поени, 18 скока и 13 асистенции, но не успеа да му донесе победа на Далас кој загуби на домашен терен од Бостон со 110-119. Дончиќ имаше проблеми со шутот, упати 30 удари, а првата тројка ја постигна дури во последната четвртина.

 

Милвоки во финишот го скрши тимот на Детроит, а најдобар играч во тимот беше Јанис Адетокумпо. Гркот постигна 31 поен, 17 скока и 10 асистенции, а голема помош имаше од Мидлтон и Лопез кои постигнаа 26, односно 15 поени.

 

Кевин Дурант не оствари трипл-дабл, но имаше фантастично издание во дуелот со Чикаго, па дури и го постигна кошот за победа. Феникс славеше со 115-113, а Дурант погоди на нешто помалку од две секунди пред крајот и тоа преку двајца противнички кошаркари. Натпреварот го заврши со 43 поени, 8 асистенции и 6 скока.