Актуелниот шпански шампион Барселона запиша уште еден нов пораз во Ла Лига, откако денеска во Каталонија загуби со 3-5 од Вилјареал.

Морено прв ја затресе мрежата на Барселона во 22. минута, но погодокот беше поништен од ВАР-технологијата. Сепак, истиот фудбалер во завршницата на првото полувреме конечно ѝ донесе водство на „жолтата подморница“.

Стартот на вториот дел донесе нов удар за домаќините. Членот на Манчестер Сити, Кансело, кој е на позајмица во Барса, во 54. минута направи голема грешка и му овозможи чиста позиција за погодок на Елиас Ахомач, кој младиот марокански офанзивец ја искористи и на својот тим му донесе водство од 0-2.

Потоа каталонскиот гигант се разбуди и со три гола за 11 минути направи пресврт. Гундоган и Педри погодија во мрежата на гостите, а потоа Баји си постигна автогол за 3-2.

https://twitter.com/i/status/1751326791615025529

Но, Виљареал успеа да го преброди тешкиот период и преку Гуедеш во 84. минута стигна до израмнување 3-3. Во судиското надополнување се случи нова ситуација која што сигурно дека ќе крена многу прашина кај шпанската јавност, затоа што главниот судија Монтеро прво досуди пенал за Барса, а потоа по ВАР прегледите ја промени својата првична одлука, иако имаше очигледна игра со рака на гостинскиот фудбалер.

Откако Барса остана без најстрога казна, на спротивната страна се случи нова грешка на домашната одбрана и Александер Сорлот погоди за 3-4. Но, тоа не беше сè од возбудувањата во Каталонија, затоа што Моралес во 102 минута стави точка на победата на Виљареал од 3-5.

Екипата на Чави Ернандез остана на третата позиција со 44 бодови, односно 10 помалку од лидерот Реал Мадрид.