Фудбалерите на Интер повторно го презедоа лидерското место на табелата во Серија А, откако со вечерашната победа на гостувањето кај Фиорентина (1-0) го прескокнаа Јувентус и покрај тоа што имаат еден натпревар помалку во однос на најголемиот конкурент за титулата.

„Нераѕурите“ добро го почнаа натпреварот и преку Лаутаро Мартинез со одличен удар со глава, поведоа уште во 14. минута. Ова се покажа како клучен момент на натпреварот, бидејќи до крајот мируваа мрежите на „Артемио Франки“. Домашниот тим може да жали што не дојде до бод, со оглед што промаши пенал преку Гонзалес во 76. минута, поточно Зомер одбрани.

 

Ова беше петта победа по ред за составот од Милано во сите натпреварувања, како потврда на одличната форма на тимот предводен од Симоне Инзаги. Интер сега има 54 бодови, еден повеќе од Јуве, кој има и натпревар повеќе.