Барселона минува низ турбулентен период, се соочува со многу играчки и финансиски птоблеми, но успеа да извојува важна победа во Примера. Во 20. коло од шпанскиот шампионат, фудбалерите на Чави пред својата публика со минимални 1-0 (0-0) триумфираа над екипата на Осасуна и се вратија на победите, по поразите од Виљареал во Примера и Атлетик Билбао во Купот на Кралот.
Тренерот Чави, кој по завршувањето на сезоната ги напушта редовите на Барса, пред еден ден доби нова ужасна вест – Жоао Феликс се здоби со посериозна повреда, а на овој натпревар по само шест минути игра остана без уште еден напаѓач. Феран Торес кој беше стартер од првата минута во нападот на Барса, само што започна дуелот во солзи го напушти теренот откако се здоби со повреда. Поранешниот ас на Манчестер Сити доби овации од трибините кога го напушти теренот, а на негово место во игра влезе Фермин Лопез.
Барселона имаше целосна контрола на теренот, но напаѓачкиот ред, повторно шеше неефикасен.Каталонците создадоа само неколку шанси за гол во првото полувреме, па во вториот дел Чави во игра го внесе зимското засилување – бразилецот Витор Роке, кој веднаш блесна во полн сјај. Популарниот „тигар“ по само една минута откако влезе во игра го постигна својот дебитантски гол во дресот на Барса во 63 минута и со тоа и донесе три бода и значајна победа. Асистент на голот беше португалецот Кансело, кој со мајсторски центаршут со надворешно ефе го проигра новиот соиграч. Само четири минути подоцна исклучен беше капитенот на Осасуна, Унаи Гарсија поради неспортски старт над Роке.
Видеото од голот погледнете го ТУКА
Во продолжение мрежата на Осасуна ја затресе и Левандовски, но голот на полскиот ас беше поништен поради офсајд. Барса во следното коло од Примера ќе има пресметка со Алавес, додека Осасуна пред својата публика ќе го пречека тимот на Селта.