Фудбалерите на скопски Вардар со победа против украинскиот прволигаш Колос Ковалинка (2-0) ја завршија низата пријателски средби за време на подготовките во Анталија. На подготовките покажаа дека имаат знаење и сила за подобри игри во вториот дел од македонското првенство, кои би значеле и опстанок во елитата.
Дилемите околу победникот беа решени пред крајот на првото полувреме, кога црвено-црните ги постигнаа двата гола и тоа преку Лемос во 42. минута и преку Ристовски две минути подоцна. Противникот на стартот од вториот дел промаши пенал, што беше и крај на возбудувањата на овој дуел. Триумфот на вардарци е уште поголем ако се знае дека е остварен против деветопласираната екипа во украинското првенство, која важи за мајстор за нерешени средби со оглед што дури девет пати ремизираше во досега одиграните 16 средби.
Ова беше петти пријателски меч за Вардар за време на престојот во Анталија, од каде што се враќа со две победи (Колос и Металург Бекабад) и три порази (Заглебие, Аркадаг и Луцерн).