Пари Сен Жермен се пласираше во четвртфиналето на Купот на Франција, откако со 3-1 (2-0) ја совлада екипата на Брест. Натпреварот се одигра на „Паркот на принцовите“ и понуди два гола во првиот дел за парижани, а потоа еден на Брест, но и црвен картон кој им ги намали шансите за кам-бек.
По мирниот старт парижаните постигнаа два брзи гола. Прво во 34. минута Килиан Мбапе погоди по асистенција од Заире-Емери, а Данило Переира три минути подоцна зголеми на 2-0. Брест се врати во игра преку Стив Муни кој намали на 2-1 во 65. минута. Сепак, тогаш втор жолт картон заработи Бразие и беше исклучен. ПСЖ мирно го приведоа дуелот до крајот, а во последните секунди преку Гонсало Рамос го поставија конечниот резултат.
Во оваа фаза се пласира и екипата на Лион кој со 2-1 го совлада Лил. Со головите на Орбан и Черки на крајот на првото и почетокот на второто полувреме домаќинот на „Олимпик Парк“ дојде до двојна предност. „Догите“ преку Александро се вратија во игра, но Лион успеа да ја одбрани предноста и стигна до триумф.
На останатите натпревари Ница убедливо го совлада Монпелје (1-4), Валенсиенес триумфира кај Сент Прист (1-2), Стразбур беше подобар од Ле Авр (3-1) и Ле Пуј ен Велај го исфрли Лавал (2-1).