Македонија ја доби најлесната група во четвртото издание од Лигата на Нации на УЕФА. Од попладневната ждрепка, освен навивачите и фудбалерите, најмногу задоволен треба да биде селекторот Благоја Милевски.
Македонија се наоѓа во Ц4 групата, заедно со Ерменија, Фарски Острови и Латвија. Ерменците некако ни се судбина, зашто ова е третпат во последните четири ждрепки да бидеме со оваа селекција.
Од секоја група, пласман во нокаут фазата ќе обезбедат најдобрите две репрезентации, место една како порано. Тоа значи дека нема да се игра само полуфинале и финале, туку и четвртфинални дуели.
Првото коло од новото издание на Лигата на нации е на програмата од 5 до 7 септември, а завршува на 19 ноември 2024 година. Четвртфиналните дуели се од 20 до 25 март, а завршниот турнир е закажан за периодот од 4 до 8 јуни 2025 година.
Лигата на нации е поврзана и со Светското првенство во 2026 година каде пласман ќе обезбедат победниците на групите. Во дополнителни квалификации одат 12 второпласирани и четирите најдобри репрезентации во Лигата на нации кои не избориле пласман на Мундијалот преку квалификациите за СП.
Четвртопласираните екипи во Лигите А и Б автоматски испаѓаат во понизок ранг, а двете најлоши од Лигата Ц одат во Лига Д. Четирите победници на групи од Лигите Б и Ц како и двата победника од Лигата Д автоматски се промовираат во повисок ранг.
Третопласираните репрезентации од Лигата А и второпласираните од Лигата Б, како и третопласираните од Лигата Б и второпласираните од Лигата Ц ќе играат за промоција, односно опстанок на домашен и гостински терен. Истото важи и за двете најдобри четвртопласирани селекции од Лигата Ц со двете второпласирани од Лигата Д.