Белгискиот тим Ројал Унион го елиминира Ајнтрахт Франкфурт од Конференциската лига, со триумфот на гостувањето во Германија со 2-1, а голема победа оствари и Молде против Легија во Варшава (3-0).
Сите три гола во Франкфурт беа постигнати во второто полувреме, и тоа најпрво Пуертас погоди за гостите, а потоа Екерт Ајенса зголеми на 2-0, по што Ајнтрахт намали преку Дина Ебимбе.
Молде имаше одлично гостување кај Легија, па со два гола на Гулбрандсен и еден на Хестад славеше со 3-0.
До пласман во следното коло стигнаа и Олимпијакос и Штурм Грац.
Во Лига на Европа, Спарта Прага го победи Галатасарај со 4-1 и ја надомести негативата (2-3) од првиот меч во Истанбул. Галатасарај играше со фудбалер помалку од 70.минута кога беше исклучен Ајхан, а оттогаш до крајот Спарта Прага постигна три гола, преку Туци, Хараслин и Кухта. Резултатот го отвори Пресиадо во осмата минута, а израмни Бардакчи во 16.минута.
Спортинг Лисабон и Јанг Бојс одиграа 1-1, но португалскиот тим имаше предност од првиот меч (2-4) и се пласира во осминафиналето.