Атлетико Мадрид не успеа да го победи најслабиот тим во Ла Лига, одигра нерешено кај последнопласираниот тим во шпанското првенство Алмерија и се прости од надежите за шампионската титула и дефинитивно.
Многу возбудлив натпревар се одигра во Андалузија кој заврши 2-2, но во финишот двете екипи има шанси да дојдат до победата. Атлетико два пати се наоѓаше во водство, прво преку Кореа кој постигна гол во втората минута, а потоа преку Родриго Де Пол, но во двата случаи израмнуваше 19-годишниот Лука Ромеро со два прекрасни голови, кој неочекувано доби шанса за настап.
Во судиското продолжение Алваро Мората имаше стопроцентна шанса, но промаши од 5-6 метри, а во последниот напад Ромеро можеше да постигне хет-трик, меѓутоа неговиот удар го одбрани словенецот Облак.
На Атлетико сега во опасност му е и четвртото место на табелата бидејќи Атлетик Билбао е на три бода негатива со натпревар помалку. Што се однесува до Алмерија, се уште е без победа оваа сезона по 26 одиграни натпревари и убедливо на последното место со само девет бода.