НБА шампионот Денвер Нагетс ја оствари петтата победа во низа по Ол стар викендот, совладувајќи го Мајами на домашен терен со 103-97.
Дуелот беше решен во последните секунди иако Денвер цел меч имаше контрола над резултатот, а на влезот од финалниот период водеше и со 16 поени разлика. Мајами не се откажа и со кошот на Џими Батлер на 11 секунди пред крајот се доближи на само два поена негатива (97-99). Сепак, во клучните моменти, Јокиќ и Колдвел Поуп беа сигурни од линијата за слободни фрлања и ја запечатија победата на Денвер.
Јокиќ ја прекина серијата од четири трипл-дабл натпревари, но повторно имаше голем придонес во победата, постигнувајќи 18 поени, 11 скока и 7 асистенции. Најдобар во неговиот тим беше Портер со 30 поени и 11 скока, додека Бем Адебајо го предводеше Мајами со 22 поена.
Со овој триумф Денвер ја продолжи потерата по лидерот на Западот, Минесота и сега има само една победа помалку, но со натпревар повеќе. Мајами е осми на Истокот, но со ист број победи колку петтопласираната Филаделфија.