Екипите на Монако и ПСЖ одиграа нерешено 0-0 во 24. коло од француската Лига 1. Средбата на „Луи Втори“ во кнежевството Монако не понуди многу возбудувања, домашните имаа еден поништен гол на стартот, а мрежите мируваа во текот на натпреварот.

 

 

Монако тргна одлично во пресметката, имаше две шанси преку Балогун и Минамино. По 25 минути игра Висам Бен Једер успеа да погоди за домаќините, но судијата доби повик од ВАР собата која му сигнализираш1е за недозволена позиција и голот беше поништен. И во продолжението од полувремето Монако имаше две добри шанси преку Балогун и Аклиуче.

Парискиот гигант се наметна во продолжението, почна со поголем притисок врз домаќинот и играше подобро. Имаше шанси преку Баркола и Витиња кои не доведоа до погодок. Треба да се напомене дека Луис Енрике го замени Килиан Мбапе на полувреме од натпреварот.

Сепак, ова реми не ги загрижува светците во Париз бидејќи ПСЖ има 12 бода предност пред Брест со натпревар повеќе.