Македонските надежи денеска загубија со 0-2 од Украина на елитниот квалификациски турнир за пласман на Европското првенство (ЕП) 2025, кое се игра следната година во Северна Ирска.
Избраниците на Тони Јакимовски беа конкурентни во првиот дел, но Украинците извршија голем притисок во завршницата од првото полувреме, а до гол стигнаа во првата минута од судиското надополнување преку Данило Кревсун по едно лошо исфрлање на македонската одбрана.
На стартот на второто полувреме Украина зголеми на 0-2. Матви Пономаренко во 48.минута постигна втор гол за противникот, со прекрасен удар од работ на казнениот простор и практично го реши натпреварот.
Во финишот Македонија остана и со фудбалер помалку поради исклучувањето на Анес Мелиќи.
На натпреварот во Ѓорче Петров, Швајцарија ја победи Летонија со 1-0, со голот на Јанис Лути во 90. минута.