Фудбалерите на Франција го совладаа Чиле (3-2) во пријателски натпревар на „Велодром“ во Марсеј и блеснаа против јужноамериканскиот ривал, кој се покажа како „тврд орев“ и прикажа солидна игра.
Фофана, Коло Муани и Оливие Жиру беа стрелци за „триколорите“, додека Нуњез и Осорио беа стрелци за Чиле. На паузата Франција водеше со 2-1, а на крајот заслужено оствари триумф и малку ги залечи раните по поразот од Германија.
Германците триумфираа со 2-1 над Холандија и го остварија вториот триумф во низа, најавувајќи добра форма пред почетокот на Европското првенство. Избрниците на Јулијан Нагелсман го одиграа првиот дел нерешено (1-1), но на крајот успеаја да се радуваат, благодарение на головите на Мителштад и Фулкруг.
На останатите натпревари вечерва, Словенија приреди големо изненадување и ја совлада Португалија со 2-0, Северна Ирска славеше кај Шкотска со 0-1, додека Австрија ја декласира Турција со огромни 6-1. Хрватската репрезентација ја заврши еднонеделната авантура во арапскиот свет со победа против Египет со 4-2.
Поранешниот светски првак Уругвај загуби од Брегот на слоновата коска со 2-1, Колумбија славеше во Романија со 2-3, а со голот на Шаќири, Швајцарците извојуваа победа во Даблин против Република Ирска.