Шкупи и Тиквеш одиграа нерешено без голови во првиот полуфинален натпревар од Купот на Македонија, одигран попладнево на Чаир.
Домаќинот беше подобар противник, но не успеа да го пробие цврстиот бедем на кавадарчани, па за учесникот во финалето ќе се одлучува на 17 април на теренот во Кавадарци. Шкупи ја имаше иницијативата, но акциите најчесто се завршуваа на околу 25-30 метри од голот на гостинскиот тим.
Во финишот, поранешниот шампион се обиде со поактивна игра да дојде до предност, ама и тој обид не вроди со плод. Тиквеш со неколку контранапади го префрли тежиштето на играта на противничката половина, но не создаде изгледни шанси за гол.
На реваншот во Кавадарци за две недели, Тиквеш ќе се обиде да дојде до првото финале во клупската историја, а Шкупи до првото по 20 години.