Вардар со победата освои три важни бодови во борбата за опстанок откако со гол на Ѓуриќ триумфира над актуелниот шампион Струга со 1-0. Со ист резултат Брегалница го совлада Шкупи, киксираше и Шкендија која одигра 1-1 на гости кај Македонија Ѓорче Петров.

Вардар не само што ја победи Струга на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, туку ѝ ја надигра. Црвено-црните создадоа повеќе идеални шанси за гол, а од нив искористи само една, која се покажа како доволна за победа.

Клучниот момент се случи во 73. минута кога по еден центаршут од корнер, Дејан Ѓуриќ скокна највисоко и постигна гол за водство на Вардар од 1-0 кое значеше и победа.

Со овие три бода Вардар се искачи на осмата позиција на табелата во ПМФЛ.

Важни три бода за опстанок против големиот фаворит оствари и Брегалница која со 1-0 во Штип го победи тимот на Шкупи.

Единствениот гол на мечот беше постигнат уште во седмата минута, а беше дело на Ѓорѓиев.

Од екипите кои се борат за шампионската титула победа не оствари ниту Шкендија која одигра 1-1 на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров.

Шкендија поведе со гол на Красниќи, Жилберто донесе бод за Македонија Ѓорче Петров. Гостите од Тетово целото второ полувреме го играа со фудбалер помалку поради црвен картон на Крстевски.

Воска се специјализира за нерешени средби, таков исход имаше и денешниот натпревар против Работнички кој заврши 1-1.

Домаќините поведоа со гол на Марушиќ, израмни Влатко Стојановски. Во вториот дел Работнички промаши неколку идеални шанси за пресврт и победа.

Тиквеш ја искористи предноста на домашен терен и ја совлада АП Брера со 3-1. Малески, Луан Силва и Спахиу ги постигнаа головите за кавадаречкиот тим, Ристевски реализираше за Брера.