Со пресврт во второто полувреме, Интер дојде до вредна победа на гости кај Удинезе со 2-1 и направи уште еден голем чекор кон шампионскиот трофеј во Серија А.

Драматичниот дуел беше решен со гол во петтата минута од судиското продолжение што го постигна Давиде Фратези. Триумфот на Интер е апсолутно заслужен бидејќи гостинските фудбалери имаа дури 22 шута кон противничкиот гол и околу 80% посед на топката, па дури и беше чудно како Удинезе издржа толку долго.

 

Резултатот го отвори Лазар Самарџиќ со чуден гол во 40. минута, а израмни Чалханоглу во 55. од пенал. Оттогаш, до победничкиот гол, Интер вршеше тотална инвазија врз противникот, но дури на крајот го скрши неговиот отпор.

Со оваа победа, Интер ја задржа предноста од 14 бода во однос на Милан, а со оглед на тоа што до крајот на сезоната има уште седум кола, на „нераѕурите“ им се потребни седум бода за да ја освојат 20. шампионска титула во Серија А.