Барселона триумфира во трилер натпревар од четвртфиналето на ЛШ на гости кај ПСЖ со 2-3 (0-1). Средбата на „Паркот на принцовите“ ги оправда очекувањата, понуди два пресврти со пет голови, а на крајот прославуваше каталонскиот гигант.
Пресметката започна со отворена игра од страна на двете екипи. На стартот подобар на теренот е ПСЖ, беше покреативен и за нијанса поопасен. Каталонците се пробудија по дваесеттата минута, а тогаш следуваше серија шанси пред домашниот гол. Голманот Донарума немаше свој ден, грешеше и излетуваше во неколку наврати, а тоа не го казнија Рафиња и Левандовски. Сериозно близу до гол беше Полјакот кој шутираше кон небранетиот гол со глава, но во блок стигна Нуно Мендеш и спаси сигурен гол. Отпорот на парижани попушти во 37. минута. По една контра на Левандовски, додаде до Јамал, а овој атрактивно ја уфрли полувисоко на пеналтикот. Донарума во обид да расчисти само ја одби топката и на неа налета бразилецот Рафиња кој ја смести во мрежата за 0-1.
Работите драстично се сменија на стартот на второто полувреме бидејќи ПСЖ даде два гола за само четири минути. Првиот беше дело на силно мотивираниот Осман Дембеле кој постигна прекрасен гол, кој иако погоди против поранешниот клуб, лудо го прослави со навивачите. Француското крило одлично се снајде и на ефектен начин биеше над главата на Тер Штеген за 1-1 во 48. минута. Само три минути подоцна парижани го комплетираа пресвртот, откако во шанса дојде Витиња и погоди за 2-1.
Овие два голови беа шокантни за Барселона по одличниот финиш на првото полувреме.
Барселона успеа да го преброди периодот на домашна доминација, Чави го консолидира тимот со внесувањето на Феликс и Педри, а играчот за врска веднаш запиша асистенција. Тој испрати топка низ одбраната, па Рафиња со својот втор гол во 62. минута израмни на 2-2. Во 77 минута Барселона успеа да направи пресврт, по корнер со глава победоносен гол постигна Андреас Кристенсен за 2-3.
До крајот на мечот парижани се обидоа да се вратат и имаа шанси од кои најзрелата беше на Дембеле кој ја погоди стативата. Сепак, резултатот не се промени и ПСЖ ќе гостува на „Камп Ноу“ со гол дефицит.