Победата е уште позначајна, бидејќи е остварена без тренерот Чави на клупата, но и без неколку стандардни фудбалери (Кансело, Левандовски, Гави, Балде, Мартинез, Гундоган, Де Јонг, Араухо) од кои дел чистеа картони, дел се повредени, а дел одмораа пред реваншот од Лигата на шампионите против ПСЖ. Во такви услови, Барса играше мирно и сигурно, па дуелот беше решен со атрактивниот гол на Жоао Феликс со „ножички“ во 37. минута.
Барса доминираше на терен, имаше поголем посед на топката, создаде повеќе шанси, но постигна само еден гол – и тоа спектакуларен. Се играше 37. минута кога Жоао Феликс со мајсторски „ножички“ го матираше Ледесма и го постигна својот седми овосезонски погодок во Примера.
Домашните фудбалери иако цел еден час бркаа негатива, речиси и да не успеаја да се заканат кон голот на Те -Штеген. Единствената шанса за Кадиз ја имаше Самасеку, кој шутираше прецизно од далечина, но германскиот чувар на мрежата остана концентриран и впиша брилијантна интервенција.
Барселона за три дена ќе игра со ПСЖ во четвртфиналето на Лигата на шампионите, во натпревар во кој ќе проба да ја одбрани предоста од Париз од 2-3.