Арсенал го доби лондонското дерби, во првото полувреме му даде три гола на Тотенхем, но сепак за трите бода стравуваше до – последната секунда на дуелот. Фудбалерите на Арсенал остануваат во игра за шампионската титула во Англија,  дојдоа до големи три бода на гости кај градскиот ривал Тотенхем (3-2).

„Топчиите“ фуриозно го почнаа натпреварот, а првиот гол им го „подари“ Хојберг уште во 15. минута. Сака во 27. минута го зголеми водството, додека Хаверц десетина минути подоцна обезбеди огромни 3-0. Тоа донесе еуфорија кај навивачите на овој тим, но на крајот мораа да се тресат до последната секунда. Причина за тоа се головите на Ромеро во 64 минута и на Сон од пенал во 87. минута, со кои Тотенхем дојде до минимална негатива. Домашните фудбалери направија се и во дополнителните шест минути, но не успеаја да изедначат, на радост на гостите.

 

Арсенал останува лидер на табелата со 80 бодови, а сега има еден повеќе од Манчестер сити, кој има и натпревар помалку. Тотенхем, пак, направи голем чекор назад во битката за место во Лигата на шампионите, сега има дури седум бода помалку од Астон Вила, која, пак има меч повеќе.

Во вториот попладневен дуел од 35. коло од Премиер лигата, Борнмут беше убедлив во пресметката со Брајтон.

Борнмут му нанесе пораз на Брајтон од 3-0. Сенеси, Унал и Клајверт беа стрелци на головите за „црешите“.