Селтик славеше на домашен терен во последното овосезонско „Олд Фирм“ дерби против Глазгов Ренџерс (2-1) и скоро ја обезбеди титулата шкотски шампион. На две кола до крајот на сезоната „зелено-белите“ имаат шест бода предност во однос на градскиот ривал.
Ренџерс долго време беше лидер во шкотската Премиер лига, но слабите резултати во последните три натпревари пред почетокот на плеј-офот го спуштија на втората позиција. Тоа автоматски значеше дека дербито со Селтик, кој практично ја решава титулата, ќе мора да го игра на гости, а без сомнение тоа беше голема предност за Селтик.
Домашните поведоа во 35. минута преку О`Рајли, кој погоди по додавањето на Мек Грегор, а само три минути подоцна Селтик ја удвои предноста со автоголот на Лундстрам.
Покрај автоголот Англичанецот му зададе уште еден удар на својот тим, откако во 45+2. минута доби црвен картон, па Ренџерс цело второ полувреме беше со десетмина на теренот и не успеа да се врати во игра. Конечните 2-1 ги постави Дезирс.
По последниот судиски свиреж следуваше голема прослава на навивачите на Селтик, кои ќе имаат за што да слават, веројатно веќе во следното коло кога нивните миленици гостуваат кај Килмарнок.