Екипата на Алкалоид е освојувач на Купот на Македонија во ракомет за 2024 година откако во денешното финале го победи Пелистер на пенали.
По 60 минути игра, резултатот беше 22-22, а потоа Алкалоид славеше со 3-1 со удари од 7 метри. До титулата, скопската екипа дојде со победи против најтрофејните во македонскиот ракомет, Вардар и Пелистер.
Речиси цело прво полувреме помина во доминација и водство на Алкалоид. Пелистер направи пресврт, одговори со серија од 8-3 и со голот на Жарко Пешевски дојде до 11-10.
Ракометарите на Пелистер одлично стартуваа во второто полувреме и направија три разлика (14-11 и 15-12). Се чинеше дека тој период ќе го реши прашањето околу победникот, но Алкалоид собра сили и се издигна над сите проблеми. Со серија од 5-0 го презеде водството и поведе со 17-15 во 44. минута.
Во последните 5-6 минути се играше гол за гол, а кулминација на возбудувањата дојде во самиот финиш. На 30-тина секунди пред крајот, при резултат 21-21, Серафимов го доведе Алкалоид во водство, но Пелистер, одигра одлична акција, доби пенал, а од 7 метри Кузмановски го израмни резултатот. За Алкалоид останаа 12 секунди, но Митев направи грешка во водењето и натпреварот бе=е одлучен по изведување на пенали.
Серијата почна со две одбрани, Лесјак и Галевски ги одбранија ударите на Серафимов и Кузмановски, во третата серија промашија и Радивојевиќ и Дамјан Митев, Галевски го одбрани ударот на Ѓорговски, а точка стави Џонов кој погоди за 3-1 и титула на Алкалоид во Купот на Македонија. Симоноски со пет гола беше прв стрелец на Алкалоид, по четири постигнаа Бинго, Дамјан Митев и Велковски, додека Пешевски за Пелистер постигна седум гола.
За тимот од Автокоманда ова беше прво финале и прв трофеј во сениорска конкуренција во Македонија.