Кошаркарите на Црвена Звезда повторно се шампиони во АБА и си обезбедија пласман во Евролигата за идната сезона.
Звезда го прегази својот најголем ривал Партизан со 3-0 и ја освои седмата титула во регионалното натпреварување со што се израмни со „црно-белите“. Меѓу другото, првпат по 24 натпревари на белградските ривали направи брејк бидејќи славеше како гостин во белградската Арена со 82-76.
Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Звезда постојано беше во водство, Партизан не успеа да ја преземе контролата над резултатот. Црвена Звезда знаеше да ја смири играта, да ги искористи сите слабости на противникот и повторно да направи сигурна предност. Партизан на овој меч настапи без Џејмс Нанали кој направи инцидент на пладневниот тренинг откако влезе во физичка пресметка со противничкиот играч Стефан Лазаревиќ.
Црвена Звезда беше подобра во три од четирите четвртини. Четата предводена од Милош Теодосиќ полека ја градеше својата предност, а Партизан иако заигра посигурно и поефикасно во финишот, на крај не успеа да ја анулира негативата и на разочарување на фановите на трибините ја загуби драмата против лутиот ривал.
Најпрецизен во таборот на победничкиот тим беше Митровиќ со 12 поени, додека за Партизан Аврамовиќ имаше 17, а Анѓушиќ 13 поени.
За разлика од Звезда која има обезбеден пласман во Евролигата, Партизан повторно ќе чека специјална покана, но факт е дека оваа сезона беше катастрофална за „црно-белите“, како на меѓународен, така и на домашен план.