Фудбалерите на Тиквеш и Воска утре ќе имаат пресметка за пехарот во Купот на Македонија, а тренерот на кавадарчани Ѓорѓи Мојсов најави дека ова ќе биде историско финале за нив.
Мојсов истакна дека нема да биде скромен и посочи дека Тиквеш ќе се обиде да ја надигра Воска Спорт во битката за трофејот.
„Тиквеш е клуб со голема традиција, а ова е историско финале. Нема да бидеме скромни, одиме на победа без разлика дали ќе биде по 90 минути игра, по 120 минути или пенали. Воска е противник кој заслужува почит. Се надевам дека ќе одиграме добро финале и ние ќе бидеме тие што ќе се радуваат на крајот“, кажа Мојсов.
Дуелот меѓу Тиквеш и Воска се игра утре од 19 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.