Новак Ѓоковиќ, одигра уште еден епски меч на годинешниот Ролан Гарос, откако вторпат по ред победи со пресврт во четири ипол часа игра, а овој пат „жртва“ беше Аргентинецот Франсиско Серундоло (6-1, 5-7, 3-6, 7-5, 6-3).

Србинот со овој триумф се пласира меѓу осумте најдобри на овој гренслем и тоа без разлика на проблемите во денешниот меч, особено со повредата на коленото. Тој беше бесен на организаторот што не го полеваше теренот со вода, поради што тој беше премногу лизгав, а малку фалеше тоа да го чини предавање на дуелот. Тоа се случи во петтиот сет, по што стисна заби и го доби за пласман во четврт-финалето.

Ѓоковиќ веројатно многу полесно и побрзо ќе стигнеше до триумф доколку не се повредеше на стартот од вториот сет. Претходно, одигра доминантно во првиот сет, кој го доби со убедливи 6-1. Потоа следуваше мал пад во неговата игра и беше јасно дека чувствува непријатност во пределот на десното колено. Поради тоа беше приморан да повика медицински тајм-аут за да добие помош. Ѓоковиќ легна на пешкир за да може физиотерапевт да си ја заврши работата, а му беа дадени и апчиња, веројатно за ублажување на болките.

Србинот се врати на теренот, но не со 100% од своите сили. Повредата му го отежна движењето и Черундоло успеа да го искористи тоа и со 7-5 израмни на 1-1 во сетови. Во третиот сет Ѓоковиќ едвај се движеше на теренот и Аргентинецот без поголеми проблеми се избори за 6-3 и водство во сетови (2-1).

На паузата Ѓоковиќ повторно побара медицинска помош, и се случи чудо на „Филип Шатрие“. Најтрофејниот на сите времиња како да заборави на болките и проблемите и со лавовска борба успеа да израмни на 2-2 (7-5) во сетови. Во одлучувачкиот сет на големо задоволство на присутната публика Ноле прв зададе удар и направи брејк за 2-0, а потоа рутински ја сочува предноста и извојува неверојатна победа.

https://twitter.com/i/status/1797695423295229991

Следен противник на Ѓоковиќ ќе биде подобриот од осминафиналната пресметка помеѓу Тејлор Фриц и Каспер Руд.

https://twitter.com/i/status/1797698966051848601