Сениорскиот тим на Вардар зема здив по напорната сезона во која преку бараж беше обезбеден опстанок во Првата лига, а сега во фокусот е младинскиот погон, а како кулминација на тоа е организацијата на третиот по ред „Вардар куп“, кој од утре до недела ќе се одигра на терените на фудбалскиот комплекс „Петар Милошевски“ во населба Аеродром.
Тоа ќе биде собир на таленти до 16 годишна возраст од Македонија, Србија, Бугарија и од Холандија, меѓу кои дефинитивно најзвучно име е Црвена звезда. Од Србија доаѓа и Чукарички, Национал е бугарскиот претставник, холандската фудбалска школа ќе биде застапена преку Екселзиор додека покрај црвено-црните ќе играат и кадетите на Работнички. Шесте тима ќе бидат поделени во две групи, по што ќе се играат полуфинални средби и секако големото финале.
Организаторот предвиде по два меча претпладне и попладне, а утрешната програма ќе биде затворена со егзибицискиот дуел помеѓу легендите на Вардар и на Тетекс.